Танкери за нафта и течен природен гас што минуваат низ Ормутскиот теснец носат околу 20% од светските залихи. За земјите од Персискиот Залив, овој воден пат не е само енергетска рута — тој е животна линија за повеќе од 100 милиони луѓе.
Сега, војната меѓу САД и Израел против Иран сериозно ја загрозува оваа витална артерија, а тоа се одразува и на снабдувањето со храна.
Сурови услови и зависност од увоз
Преживувањето во Персискиот Залив е голем предизвик. Летните температури надминуваат 50°C, обработливото земјиште е ограничено, а водата за пиење главно се обезбедува преку десалинизација. Сепак, поголемиот дел од храната мора да се увезува.
Саудиска Арабија увезува над 80% од својата храна, Обединетите Арапски Емирати околу 90%, а Катар дури 98%. Во Ирак, покрај пристапот до две големи реки, поголемиот дел од храната доаѓа преку Ормускиот теснец.
Компаниите под притисок
Компанијата „Кибсонс Интернешнл“ од ОАЕ, која продава свежа храна и зеленчук, годишно увезува околу 50.000 тони храна од Јужна Африка и Австралија. Директорот за набавки, Даниел Кабрал, вели дека сега мораат да ги пренасочуваат пратките.
„Синџирот на снабдување е исклучително предизвикувачки во моментов“, изјави Кабрал.
Блокадата на теснецот ги тера дистрибутерите да бараат поскапи и комплицирани алтернативни рути, што зголемува ризик од повисоки цени и помал избор за потрошувачите. Дури и Иран зависи од овој теснец за голем дел од својата трговија.
Аларм од светската програма за храна
Светската програма за храна (WFP) предупредува дека синџирите на снабдување се на работ на најтешки нарушувања од почетокот на пандемијата и војната во Украина. Заменик-извршниот директор на WFP, Карл Скау, посочува дека трошоците за транспорт драматично се зголемиле.
Според британската трговска агенција, од почетокот на војната речиси дваесетина бродови биле нападнати, вклучувајќи товарен брод покрај брегот на Оман, што ги натерало превозниците да го избегнуваат теснецот.
Цената на транспортот
„Кибсонс“ има тони свежа храна во контејнери на бродови што чекаат надвор од теснецот, без потврдени датуми на пристигнување. „Постои голема неизвесност“, вели Кабрал.
Дополнителните такси за транспорт се околу 4.000 долари по контејнер, а на копно трошоците се од 4.000 до 9.000 долари. Претходно транспортот од Европа чинел околу 3.000 евра, а сега само до Џеда изнесува 14.500 евра. Овие трошоци на крајот ќе се пренесат на потрошувачите, а „Кибсонс“ веќе планира зголемување на цените на млечните производи и свежата храна до 20%.
Авионскиот транспорт исто така погоден
Меѓународниот аеродром во Дубаи беше затворен 48 часа по иранскиот напад на 28 февруари, што влијаеше и на патниците и на товарот. Летовите беа привремено прекинати повторно по пожар предизвикан од дрон.
Компанијата „Спинис“ тврди дека може да обезбеди стабилно снабдување и разгледува алтернативна копнена рута од Велика Британија до Заливот, што е до 40% поевтино од воздушниот транспорт.
Раст на цените и мерки на владите
Последиците веќе се чувствуваат: потрошувачите очекуваат повисоки цени и помал избор на производи. Владите на Заливот воведоа нови трговски коридори меѓу пристаништа како Мускат и Џебел Али за да го забрзаат прометот.
Експертите предупредуваат дека безбедноста е клучна. Предлогот на американскиот претседател Доналд Трамп за придружба на бродовите од американската морнарица би имал ограничен ефект, а приоритет би имале танкерите со нафта, а не товарните бродови со храна.
Последици за милиони луѓе
Пред кризата, низ Ормутскиот теснец дневно минувале до 60 танкери. Дури и ако операцијата за заштита на теснецот успее, транспортот на храна и други стоки ќе остане загрозен.
Последиците од конфликтот секојдневно се шират надвор од бојното поле, заканувајќи го снабдувањето со храна, гориво и основни потреби за милиони луѓе во регионот.
Текстот Ормутскиот теснец – животна линија за милиони е превземен од МАКФАКС.





