Познати личности од целиот свет му напишаа писмо на Путин

пред 4 години

Повеќе од 70 познати личности од целиот свет му напишаа отворено писмо на рускиот претседател Владимир Путин. Во писмото бараат тој да му обезбеди лекување на Алексеј Навални, кој е во затвор.

„ Како руски државјанин, Навални има законско право да биде прегледан и лекуван од лекар по негов избор“ се наведува во писмото.

Нивниот повик беше објавен денеска од повеќе европски весници, вклучувајќи го и „Економист“ на англиски јазик.

Писмото го потпишаа авторката на книгата за Хари Потер, Џеј Кеј Роулинг, тројца добитници на Нобелова награда за литература, Херта Милер, Луиз Глук и Светлана Алекиевич, член на групата Аба – Бјорн Улваес, британските актери Бенедит Камбербач и Кристин Скот Томас, но и историчарите Нил Фергусон и Симон Шама.

Во писмото што споменатите познати личности му го испратија на Путин се истакнува дека Навални се наоѓа во критична состојба.

„ Господине претседател, ве покануваме веднаш да му пружите на Алексеј Навални медицинска помош и нега што му е итно потребна, на која тој има право, во согласност со рускиот закон. Како некој што се заколнал дека ќе го почитува законот, сега имате можност да го примените тоа во пракса“ додаваат во писмото.

Навални штрајкува со глад со денови, обидувајќи се да ги принуди затворските власти да му дозволат да посетува лекар.

44-годишниот руски дисидент неодамна се пожали на болки во грбот, вкочанетост на екстремитетите, треска и кашлица. Неговото семејство, адвокати и приврзаници изразија загриженост за неговото здравје.

Share
Scroll to Top