Прекините во сообраќајот поради снежната бура продолжуваат да влијаат врз САД, додека авиокомпаниите се обидуваат да се опорават од прекинот на распоредот на летови од претходниот ден, кога бурата доведе до хаос. Авиокомпаниите денес откажаа повеќе од 1.000 летови во САД и одложија 4.200, според веб-страницата за следење на летови „FlightAver“.
Најлошо е на меѓународниот аеродром Хартсфилд-Џексон во Атланта, каде што се откажани повеќе од 200 летови, а 450 се одложени.
Прекините продолжуваат по хаотичниот понеделник кога снежна бура го зафати Средниот Запад, а потоа и источната половина на САД, предизвикувајќи откажување на илјадници летови од главните аеродроми, вклучувајќи ги Њујорк, Чикаго и Атланта.
Само во понеделникот беа откажани повеќе од 4.800 летови во САД. Имаше повеќе од 12.800 одложувања. Тоа вклучува околу 600 откажани летови на Меѓународниот аеродром О’Хара во Чикаго, повеќе од 500 на аеродромот Хартсфилд-Џексон Атланта и околу 450 на аеродромот Ла Гвардија во Њујорк, покажува „FlightAver“.
Во делови од Њујорк, налетите на ветерот биле 80 км/ч, објави Националната метеоролошка служба.
Дури и пред почетокот на снежната бура, воздушниот сообраќај бил под притисок: делумното прекинување на финансирањето од федералната влада на САД што започна на 14 февруари, поради неуспехот да се донесе буџет во Конгресот, го намали бројот на персонал на некои безбедносни контролни пунктови. Затоа аеродромите повремено беа преполни со патници кои имаа намера да одат на пролетен распуст.
Демократите во Конгресот изјавија дека нема да гласаат за финансирање на Министерството за внатрешна безбедност сè додека не се воведат нови ограничувања за агентите на ICE, откако членовите на агенцијата убија две лица во бркање на нелегални имигранти во Минеаполис минатото лето, објавува Бета-АП.
Некои аеродроми пријавија подолги редици за безбедносни проверки поради недостаток на персонал.
Текстот Поради силна снежна бура откажани летови во САД е превземен од МАКФАКС.





