Поранешниот украински премиер, Арсениј Јацењук, изјави во интервју за „Скај њуз“ дека денес Украина била сведок на „вистински пресврт“ во ставот на американскиот претседател Доналд Трамп кон Владимир Путин.
„Мислам дека ова е целосен пресврт“, му рече Јацењук на водителот Марк Остин, коментирајќи ја објавата на Трамп за испорака на ново оружје во Украина и заканата од дополнителни санкции против Русија. „Имам чувство дека претседателот Трамп сфатил дека Путин се обидел да го измами и излаже“.
„Ова значи дека ова сега е лично прашање за него“, додаде тој.
„Тој сфати дека Путин е насилник и не сака да биде понижен од некој што веќе се смета за воен злосторник на меѓународно ниво“.
Јацењук истакна дека не верува оти рускиот претседател ќе седне на преговарачката маса: „Искрено, не верувам дека тој гад е подготвен за преговори. Но, верувам дека тоа е доволно за да ѝ се помогне на Украина да се бори, да ја зачува својата државност и да победи“.
Зборувајќи за најавениот нов пакет воена помош, тој рече: „Тоа сигурно ќе го зајакне воениот капацитет на Украина. Ќе имаме повеќе алатки во арсеналот и поголема моќ. Ова сериозно ќе влијае и ќе ја ослабне руската војска“.
Изјавите на Јацењук следеа по прес-конференцијата на Доналд Трамп и генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, во Белата куќа. Трамп рече дека САД планираат да произведуваат и испраќаат „врвно оружје“ до сојузниците на НАТО, а НАТО ќе одлучи за неговата дистрибуција – вклучително и Украина. Руте потврди дека сите трошоци ќе ги сносат европските земји.
Во исто време, Трамп ѝ постави на Русија ултиматум – доколку Москва не се согласи на договор за прекин на војната во рок од 50 дена, САД ќе воведат 100 отсто царини за рускиот извоз и таканаречени секундарни царини за земјите што тргуваат со Русија, како што се Кина и Индија. Ова е пресвртница во надворешната политика на Трамп кон Украина и Русија, велат аналитичарите.
Текстот Поранешниот украински премиер за Трамп и Путин: Ова е вистински пресврт е превземен од МАКФАКС.