Последната авионска несреќа во Индија пред денешната, била во 2010 година

Последната авионска несреќа во Индија пред денешната, била во 2010 година

пред 1 ден

Повеќе од 200 луѓе загинаа кога авион на „Ер Индија“ со 242 лица се урна неколку минути по полетувањето од западниот град Ахмедабад кон Лондон, соопштија властите. Ова е најлошата воздушна катастрофа во светот во последната деценија.

Авионот се урна во станбена зона и удрил во студентски дом на медицински колеџ надвор од аеродромот, за време на паузата за ручек. Летал кон аеродромот Гетвик, јужно од британската престолнина.

Шефот на градската полиција, Г.С. Малик, за Ројтерс изјави дека досега од местото на несреќата се извлечени 204 тела. Малик додаде дека меѓу извлечените тела може да има патници и луѓе кои загинале на земја.

„Се чини дека нема преживеани“ меѓу 242 патници на несреќниот лет, изјави Малик за АФП. Во меѓувреме, индиската новинска агенција АНИ објави дека има двајца преживеани од летот, повикувајќи се на полицијата и службите за итни случаи.

Во авионот имало 169 индиски државјани, 53 британски државјани, седум португалски државјани и еден канадски државјанин. Меѓу патниците имало 217 возрасни, 11 деца и две бебиња, соопшти Ер Индија.

Од роднините е побарано да дадат примероци од ДНК за да се помогне во идентификацијата на загинатите, изјави државниот секретар за здравство Дананџај Двиведи.

Најсмртоносни воздушни несреќи
Последната голема воздушна катастрофа во Индија се случи во 2010 година. Авион на Ер Индија од Дубаи се урна при слетување во Бангалор на југот од земјата, при што загинаа 158 лица. Осум лица успеаја да се извлечат од остатоците на авионот.

Во 1996 година, летот 763 на Сауди Арабија ерлајнс се судри во воздух во близина на Њу Делхи со летот 1907 на Казахстан ерлајнс. Загинаа 349 лица во двата авиона, што ја прави најсмртоносна воздушна катастрофа во историјата.

Од 2000 година, имало шест воздушни несреќи низ целиот свет, секоја со повеќе од 200 жртви.

Најновата беше во април 2018 година, кога алжирски воен авион се урна кратко по полетувањето од база во јужен Алжир, при што загинаа 257 лица, претежно војници и нивните семејства.

Несреќата во Индија се случи на врвот на бумот на воздушниот сообраќај во земјата. Континуираниот раст на индиската економија и нејзината растечка средна класа ја трансформираа земјата со повеќе од 1,4 милијарди луѓе во трет најголем домашен пазар за воздушен сообраќај во светот, по САД и Кина.

Текстот Последната авионска несреќа во Индија пред денешната, била во 2010 година е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top