Премиерот на Гренланд, Јенс Фредерик Нилсен, денес изјави дека неодамнешните изјави на американскиот претседател Доналд Трамп за американската потреба од Гренланд се „целосно неприфатливи“ и претставуваат „непочитување“, со порака дека „е доста“.
„Сегашната и повторувана реторика на САД е целосно неприфатлива. Кога американскиот претседател зборува за „потребата од Гренланд“ и нè поврзува со Венецуела и воена интервенција, тоа не е само погрешно, туку е и непочитување“, рече Нилсен на социјалните мрежи.
Тој на својот Фејсбук профил изјави дека повеќе не сака притисок или недоразбирања, како и „фантазии за приклучување“.
„Отворени сме за дијалог. Отворени сме за дискусии. Но, ова мора да се направи преку соодветни канали и со почитување на меѓународното право“, рече Нилсен, пренесува BFM.
Тој истакна дека Гренланд е дел од НАТО и е свесен за својата стратешка позиција, но дека „заканите, притисоците и разговорите за анексија немаат место меѓу пријателите“.
„Нашата земја не е предмет во реториката на големите сили. Ние сме народ, држава, демократија, која мора да се почитува, особено од блиските и лојални пријатели“, додаде премиерот, според „Анадолија“.
Претседателот на САД претходно постојано нагласуваше дека Гренланд треба да биде дел од САД поради нејзината национална безбедност и стратешка локација на Арктикот, додека данската премиерка Мете Фредериксен го повика Вашингтон да „престане да се заканува“ на „историски близок сојузник“ и нација која јасно кажа дека не е на продажба.
Фредериксен нагласи дека Соединетите Американски Држави немаат право да анектираат ниту еден од трите дела на Кралството – Данска, Гренланд и Фарските Острови.
Текстот Премиерот на Гренланд: Изјавите на Трамп за „потребата од Гренланд“ се неприфатливи е превземен од МАКФАКС.






