Принцот Хари ја напушта хуманитарната организација, шефицата на здружението го обвини за мобинг

Принцот Хари ја напушта хуманитарната организација, шефицата на здружението го обвини за мобинг

пред 2 дена

Претседателката на добротворната организација „Сентебале“, чиј коосновач е принцот Хари пред речиси 20 години, го обвини за масовна злоупотреба и мобинг откако тој и другите поврзани со организацијата поднесоа оставка оваа недела.

Софи Чандаука, претседателката на Сентебале, во интервју за „Скај њуз“ во неделата рече дека Хари „започнал ПР машина“ против неа кога јавно објавил дека се повлекува од функцијата покровител на организацијата. Нејзиниот ко-основач, принцот Сеисо од Лесото и одборот на директори исто така поднесоа оставка во тоа време.

„Во вторникот, принцот Хари одобри објавување на штетни информации за јавноста без да ме информира мене, моите регионални директори или извршниот директор“, рече Чандаука во неделата наутро со Тревор Филипс.

„Можете ли да замислите што значеше тој напад за мене и за 540-те луѓе кои го сочинуваат Сентебале и нивните семејства? додаде таа. „Тоа е пример за злоупотреба и мобинг во големи размери.

Извор близок до спонзорите и одборот на директори изјави за Си-Ен-Ен дека тие „целосно го очекувале овој обид за медиумски спин“ и дека колективната одлука да се повлечат ја донеле имајќи го тоа во превид.

„Тие стојат на својата одлука, во интерес на организацијата и со нетрпение очекуваат да се открие вистината“, рече изворот.

Во друго интервју, објавено во саботата, Чандаука рече дека принцот Хари и принцот Сеисо „сакаат да предизвикаат колапс на организацијата и потоа да се вратат како нејзини спасители“.

Иако деталите за конфликтот не се целосно јасни, Чандаука во интервју за Фајненшл Тајмс изјави дека има тензија меѓу персоналот од британската канцеларија и вработените во Лесото и Боцвана.

Според неа, тоа е предизвикано од нејзината иницијатива да го префрли управувањето со организацијата во рацете на локалните лидери во Јужна Африка.

Принцот Хари рече дека е „во шок“ откако донел одлука да се повлече од организацијата што ја основал во 2006 година за да им помогне на младите луѓе со ХИВ и СИДА во Лесото и Боцвана.

Тој го основал Сентебале во чест на неговата мајка, принцезата Дијана, девет години по нејзината смрт во сообраќајна несреќа во Париз.

Во заедничката изјава објавена во средата, принцот Хари и принцот Сеисо рекоа дека „со тешко срце“ се повлекуваат од своите улоги „до понатамошно известување“.

Во сопствената изјава претходно оваа недела, Чандаука изгледаше дека го критикува 40-годишниот принц за „играње на жртва“.

„Се што правам во Сентебале е фокусирано на зачувување на интегритетот на организацијата, нејзината мисија и младите луѓе на кои им служиме“, рече таа.

Додаде дека целиот случај е „приказна за жена која се осмелила да зборува за лошо управување, лошо раководство, злоупотреба на моќ, малтретирање, мобинг, мизогинија, расистички сексизам – и прикривањето што следело“.

Текстот Принцот Хари ја напушта хуманитарната организација, шефицата на здружението го обвини за мобинг е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top