Проруските сепаратисти во источна Украина тврдат дека во голема мера го контролираат центарот на опколениот пристанишен град Мариупол, јави ДПА.
„Можеме да кажеме дека главната битка во централниот дел на градот е завршена“, изјави утринава за руската државна телевизија портпаролот на проруските сили во регионот на Донецк, Едуард Басурин. Украина ги отфрла таквите наводи.
„Мариупол се држи“, рече Олексиј Орестович, советник на претседателот на Зеленски.
Според сепаратистите, борбите сега главно се ограничени на градското пристаниште и челичарницата. Басурин тврди дека околу 3.000 украински војници останале во градот опколени од руски војници.
Градската управа, која побегна од Мариупол, смета дека во борбите за градот веќе се убиени десетици илјади цивили, а обидите за евакуација на преостанатите цивили неколкупати пропаднале.