Путин сака да го дестабилизира Балканот, вели германски социолог

пред 3 години

Европската унија мора да ја преиспита својата политика кон Западен Балкан, инаку на регионот му се заканува понатамошна дестабилизација што може да доведе до обновување на војната, изјави Џералд Кнаус од Европската иницијатива за стабилизација (ESI), влијателен тинк-тенк од Берлин.

„Москва во моментот е заинтересирана за дестабилизација на регионот на Западен Балкан“, изјави Џералд Кнаус за австриската новинска агенција (АПА). Тој вели дека рускиот претседател Владимир Путин, под притисок од воената помош на Европската унија за Украина и санкциите, бара простор за контранапад.

„Западен Балкан е идеална можност за таков потег“, вели социологот и експерт за миграција Кнаус, кој често во Германија и Австрија зборува на темите за Западен Балкан.

Тој вели дека ситуацијата, особено во Босна и Херцеговина, и натаму не е на работ на војна, но дека е напната.

„Луѓето се плашат и ако има провокации однадвор, ситуацијата може да излезе од контрола и тоа многу брзо“, предупреди Кнаус.

Тој предупреди дека Европската унија не треба да ја повтори грешката како во Украина, туку да им даде реална перспектива на земјите од Западен Балкан за влез во ЕУ, наместо да ги повторува, како што рече, секогаш истите фрази во кои веќе никој не верува.

„Европската унија мора брзо да му обезбеди на Балканот јасна и конкретна ЕУ перспектива“, смета Кнаус.

Експертот за миграција изјави дека војната во Украина ќе предизвика најголеми миграции во Европа по Втората светска војна.

„Веќе бројот на луѓе кои доаѓаат од Украина секоја недела го надминува бројот на бегалци кои дојдоа во Грција во 2015 година“, рече Кнаус.

Share
Scroll to Top