Путин со реакција на одговорот на Западот: „Го игнорираат клучното прашање“

пред 3 години

Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека САД и НАТО не ги исполниле безбедносните барања на Русија во однос на Украина, но Москва се уште е подготвена да разговара. Ова е прва реакција на Путин на писмените одговори на Западот на барањата на Русија, кои ги даде во телефонски разговор со францускиот претседател Емануел Макрон, по неколку неделниот молк за кризата на украинско-руската граница, пренесуваат медиумите во светот.

Кремљ соопшти дека Путин му рекол на Макрон дека ќе ги проучи писмените одговори од Вашингтон и НАТО оваа недела, пред да одлучи за понатамошна акција.

„Привлечено е внимание на фактот дека САД и НАТО не ги земаа предвид главните грижи на Русија“, соопшти Кремљ. Сè уште не е објавен писмен одговор, но Лавров во четвртокот рече дека јавноста наскоро ќе биде информирана.

Русите бараат од Западот да не го шири НАТО на исток и да не поставува офанзивно оружје во близина на границите на Русија. Москва сака северноатлантските воени капацитети и инфраструктура да се вратат на она што беше пред поранешните земји од Варшавскиот пакт да влезат во НАТО.

„Клучното прашање е игнорирано – како САД и нивните сојузници имаат намера да го почитуваат принципот на безбедносен интегритет, дека никој не треба да ја зајакнува својата безбедност на сметка на безбедноста на друга држава?“, истакнале од Кремљ, кој често се повикува на декларации на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) кои ги содржат овие принципи, пишува во новинарските извештаи.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во петокот изјави дека Москва не сака војна.

„Ако зависи од Русија, нема да има војна. Ние не сакаме војни. Но, исто така не сакаме нашите интереси да бидат газени, игнорирани“, изјави тој за руските радио станици.

Во петокот тој изјави дека не може да ја исклучи можноста во источна Украина да има сили кои сакале да предизвикаат конфликт, пренесуваат руските агенции.

„Според западните податоци, мислам дека има околу 100.000 војници на фронтот. А режимот во Киев не ги контролира повеќето од овие вооружени луѓе“, рече Лавров.

НАТО во петокот соопшти дека внимателно ја следи Русија, која регрупирала десетици илјади војници во близина на границата со Украина. Генералниот секретар Јенс Столтенберг рече дека Алијансата е подготвена да го зголеми своето воено присуство во Европа и дека руската агресија може да има и форма на сајбер напад, обид за државен удар или саботажа.

Share
Scroll to Top