Албанскиот премиер, Еди Рама, преку објава на Фејсбук остро реагираше на учеството на граѓани од Косово и Македонија на протестите во Тирана, нагласувајќи дека Албанците од овие земји не можат да се сметаат за албанска дијаспора.
„Албанците од Северна Македонија не се дијаспора на Албанија на туѓа земја. Заедно со Македонците тие се државотворен народ во својата земја во соседната држава“, напиша Рама, додавајќи дека дијаспора се иселениците во странски земји, а не Албанците од Северна Македонија и Косово.
Во објавата тој ги критикуваше, како што ги нарече, „политичките каравани од Приштина и Тетово“, кои во Тирана се претставуваат како дијаспора, оценувајќи дека тоа му штети на угледот на Албанците од Косово и Северна Македонија. Рама истакна дека нивните спонзори трошат пари за да му нанесат штета на националниот и меѓународниот имиџ на Албанците.
Тој, исто така, реагираше на користењето на знамето на УЧК на протестите, оценувајќи дека станува збор за злоупотреба на симболот на ослободителната борба. „Никогаш нема да го заборавам сквернавењето на ослободителното знаме на УЧК, подигнато како знаме на омраза за уривање на владата во Тирана“, напиша Рама.
Албанија веќе повеќе од 20 дена се соочува со континуирани протести, наречени „Револуција на Фламинго“, предизвикани од контроверзен проект поврзан со планираната изградба на луксузен туристички комплекс поврзан со зетот на претседателот на САД, Доналд Трамп, Џаред Кушнер.
Текстот Рама го критикува учеството на Албанци од Македонија и Косово на протестите: „Тие не се дијаспора“ е превземен од МАКФАКС.





