Речиси три четвртини од граѓаните на Европската Унија (ЕУ) сметаат дека нивната земја имала корист од членството во Унијата, покажува најновиот Евробарометар.
Според податоците, 59% од Европејците се оптимисти за иднината на ЕУ, а 73% се чувствуваат како граѓани на Унијата. Довербата во институциите останува висока, при што 48% изјавиле дека им веруваат на европските институции.
Анкетата покажува и рекордна поддршка за еврото – 74% од испитаниците го поддржуваат воведувањето на единствената валута, а во Еврозоната процентот изнесува 82%.
Во однос на заедничката одбрана и безбедност, 79% од граѓаните го поддржуваат воспоставувањето на заедничка политика меѓу земјите-членки, што е втор највисок резултат од 2004 година. Повеќе од две третини (67%) сметаат дека ЕУ е „место на стабилност“ во свет полн со немири, а 83% веруваат дека Унијата треба да ги диверзифицира трговските односи за да ја зајакне економската независност.
77% од Европејците сметаат дека инвазијата е закана за безбедноста на ЕУ, додека 73% ја поддржуваат економската блокада на Русија. Повеќе од три четвртини (81%) го поддржуваат приемот на бегалци од Украина, а 57% се согласуваат со финансирање на набавката и испораката на воена опрема за Киев.
Граѓаните сметаат дека главните приоритети на буџетот на ЕУ треба да бидат вработувањето, социјалните прашања и јавното здравје (42%), образование, култура и медиуми (36%) и одбрана и безбедност (35%).
Истражувањето, спроведено помеѓу 9 октомври и 5 ноември 2025 година во сите 27 земји-членки, вклучуваше 26.445 интервјуа лице в лице.
Текстот Речиси три четвртини од Европејците ја поддржуваат ЕУ, рекордна поддршка за еврото и за заедничка одбрана е превземен од МАКФАКС.






