Соединетите Американски Држави, Групата седум (Г7) и Европската Унија ќе и го укинат статусот на привилегирана држава на Русија поради инвазијата на Украина, изјавија неколку извори за Ројтерс додека продолжуваат нападите врз украинските градови.
Лишувањето на Русија од нејзината привилегираност го отвора патот на САД и нивните сојузници да воведат царини за широк опсег на руски стоки, што би го зголемило притисокот врз економијата која веќе е во рецесија.
Потезите на Вашингтон за притисок врз Москва доаѓаат во време кога американските и европските официјални лица ја обвинуваат Русија за воени злосторства поради нејзиното бомбардирање на цивили во украинските градови, во услови на постојано прекршување на прекинот на огнот за кои двете страни се обвинуваат меѓусебно.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека денеска ќе прогласи прекин на огнот и ќе отвори хуманитарни коридори од Мариупол, Киев, Суми, Харков и Чернихив, иако претходните прекини на огнот пропаднаа.
Околу 222.000 луѓе се евакуирани во Русија од Украина и нејзините два бунтовнички региони поддржани од Русија, објави новинската агенција ТАСС, цитирајќи неидентификуван извор.
Сателитските снимки покажуваат дека руската воена колона која му се заканува на Киев од север се распоредила на нови позиции, соопштија агенциите.