САД истражуваат дали Кина му испорачала на Иран ракети и напреден радар за соборување на американскиот авион Ф-15

САД истражуваат дали Кина му испорачала на Иран ракети и напреден радар за соборување на американскиот авион Ф-15

пред 2 часа

Борбениот авион Ф-15, кој минатиот месец беше соборен над југозападен Иран – настан што покрена високоризична операција за спасување – најверојатно бил погоден со кинеска ракета, откриваат три извори запознаени со ситуацијата.

Според наводите на еден од изворите и на американски официјален претставник, постојат индиции дека Кина во првите денови од судирот можеби му испорачала на Иран и радар за рано предупредување со голем дострел. Станува збор за напреден систем способен да открива „стелт“ летала кои се дизајнирани да избегнуваат радарска детекција.

Американските воени и разузнавачки официјални претставници сè уште детално ги истражуваат околностите под кои во април беше соборен воениот авион „F-15E Strike Eagle“. Ова е прв случај по неколку децении американски борбен авион да биде соборен од непријателска оган.

Геополитички компликации меѓу Вашингтон и Пекинг

Иако сè уште не е прецизно утврдено кога воената опрема му била испорачана на Иран, евентуалната употреба на кинеско оружје дополнително ги усложнува односите меѓу Вашингтон и Пекинг. Инцидентот доаѓа во чувствителен момент кога американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да обезбеди поддршка од Кина за трајно завршување на воениот конфликт. Претходно во текот на овој месец, администрацијата на Трамп посредуваше во постигнувањето примирје со Иран, непосредно пред важниот состанок со кинескиот претседател Си Џинпинг.

Како најголем купувач на иранска нафта, Кина во повеќе наврати порача дека војната мора да запре. Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека високите цени на нафтата тешко погодуваат многу земји и дека е потребно и други држави да се вклучат во решавање на судирот, но децидно нагласи дека САД воопшто не зависат од кинеската помош.

Драматично спасување на екипажот во планините Загрос
Во времето кога се случи инцидентот, Трамп потврди дека авионот Ф-15 бил погоден со ракета лансирана од рамо. Ваквото оружје, познато како преносен противвоздушен ракетен систем (MANPADS), претставува релативно евтин, но исклучително ефикасен начин за соборување на нисколетачки авиони.

Двочлениот екипаж на авионот успешно се катапултирал над иранска територија. Пилотот бил пронајден и спасен во рок од седум часа по падот. Офицерот за системи за вооружување морал да се крие цели два дена во подножјето на планинскиот венец Загрос пред специјалните единици да успеат да го лоцираат и евакуираат, соопшти Пентагон.

Меѓусебни обвинувања, ветувања и санкции

Белата куќа во врска со овој случај упати на претходните изјави на претседателот Трамп, кој истакна дека кинескиот лидер му дал лична гаранција за неутралност.

„Претседателот Си ми вети дека нема да испраќа никакво оружје во Иран. Тоа е убаво ветување. Му верувам на зборот и го ценам тоа“, изјави претходно Трамп.

Од друга страна, портпаролот на кинеската амбасада ги отфрли ваквите тврдења, нагласувајќи дека Кина постапува одговорно при извозот на воена опрема и строго ги почитува меѓународните обврски и домашните прописи. Тој додаде дека Пекинг се противи на „неосновани обвинувања и злонамерно поврзување“ со овие настани.

Сепак, претходните американски разузнавачки проценки укажуваа дека Кина планирала во претстојните недели да му испорача на Иран нови системи за противвоздушна одбрана. Воедно, САД веќе ја обвинија Кина дека на Техеран му овозможила пристап до своите сателити со цел полесно гаѓање на американските сили во регионот, поради што неодамна беа воведени санкции против три кинески сателитски компании.

Засега останува непознато дали ракетата со која е соборен авионот е дел од некоја понова пратка или потекнува од постари залихи, како и тоа дали напредниот кинески радар од типот „YLC-8B“ навистина бил активен за време на борбените дејствија.

Текстот САД истражуваат дали Кина му испорачала на Иран ракети и напреден радар за соборување на американскиот авион Ф-15 е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top