САД: Русија планира да исценира инцидент со Украина

пред 3 години

Американски разузнавачи веруваат дека Русија направила план да предизвика инцидент што би ја оправдал инвазијата на Украина, објавија денеска два американски весника, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата.

„Њујорк тајмс“ објави дека рускиот план би вклучувал употреба на лажни видео снимки, со инсценирани и измислени напади од страна на украинската армија, или на руска територија или на луѓе што зборуваат руски во источна Украина, а „Вашингтон пост“ објави дека американските разузнавачки служби дошле до детали за таквиот план и дека се очекува тој да биде откриен денеска, пренесува агенцијата „Ројтерс“.

„Не знаеме со апсолутна сигурност дали тоа е патот по кој ќе тргне Русија, но знаеме дека тоа е опција што се разгледува, во неа би биле вклучени голем број луѓе кои би глумеле дека тагуваат поради убиените, како и распоредување на мртви тела преку кои би се потврдило дека има жртви во нападот кој Москва сама ќе го конструира“, рекол американскиот заменик-советник за национална безбедност Џонатан Фајнер во интервју за американскиот MSNBC, како одговор на новинските извештаи.

Русија денеска ги обвини САД за ескалација на тензиите и игнорирање на повиците на Москва за напнатоста околу Украина, еден ден откако Вашингтон објави дека ќе испрати речиси 3.000 дополнителни војници во Полска и Романија.

Во исто време, Москва ги негира плановите за инвазија, но распоредува илјадници војници на границата со Украина, наведува „Ројтерс“.

Share
Scroll to Top