САД се против воведувањето на ковид-пасоши

пред 4 години

Белата куќа соопшти дека нема да им наметне „здравствен пасош“ на Американците како потврда дека биле вакцинирани против Ковид-19.

„Владата не поддржува и нема да поддржи систем што бара Американците да го имаат тој сертификат“, изјави портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.

„Нема да правиме база на податоци за федерални вакцинирања, ниту ќе наметнеме каква било обврска што налага сите да добијат потврда за вакцинација“, додаде таа.

Најголем интерес за идејата има кај приватните компании, кои сакаат да ги отворат местата каде што се собираат голем број луѓе, како што се стадионите или театрите, рече портпаролката.

Администрацијата на претседателот, Џо Бајден, ќе објави совети со важни одговори на прашањата што ги поставуваат Американците, особено за личните податоци, безбедноста или дискриминацијата во врска со вакцинацијата.

„Интересот на федералната влада е едноставен: личните податоци и правата на Американците мора да бидат заштитени и затоа овие системи нема да се користат неправедно против луѓето“, рече Псаки.

Неколку земји воведоа или планираат да воведат здравствен „пасош“ што покажува дали лицето е вакцинирано против Ковид-19. Тие веруваат дека ова ќе го олесни повторното организирање на големи собири и патувања.

Идејата, сепак, предизвика силна критика и загриженост за можна дискриминација и заштита на приватните податоци.

Share
Scroll to Top