САД ја истражува мистериозната хаванска болест од која се заразени 200 луѓе во амбасадите

пред 3 години

Соединетите Држави сè уште не знаат што е синдромот Хавана или кој е одговорен за болеста, изјави американскиот државен секретар Антони Блинкен во денешното интервју откако се разболеа американските дипломати во Париз и Женева.

Блинкен рече дека целата федерална влада работи на разјаснување што ја предизвикува болеста, која зафати скоро 200 американски дипломати, службеници и членови на нивните семејства во странство. „До денес не знаеме што точно се случило и не знаеме точно кој е одговорен“, рече Блинкен во интервју за MSNBC.

Волстрит журнал денеска објави дека се разболеле претставници на американските дипломатски мисии во Париз и Женева, каде што САД и Русија во понеделникот одржаа безбедносни разговори за ситуацијата во врска со Украина, во близина на чии граници Русија распореди големи воени сили.

Блинкен рече дека САД им го спомнале прашањето на болеста на Русите, но сè уште не може да каже кој е одговорен.

Мистериозната болест предизвикува симптоми како мигрена, гадење, губење на меморијата и вртоглавица. Таа првпат беше забележана од американски официјални лица во Хавана во 2016 година.

Блинкен рече дека се сретнал со персоналот на Стејт департментот од целиот свет кој му ја опишал болеста и како тоа влијаело на нивните животи. „Не се сомневам дека овие луѓе беа директно и сериозно погодени“, рече тој.

„Работиме максимално за да се разјасни што се случи и кој е одговорен. Продолжуваме да се грижиме за погодените и да го заштитиме целиот наш народ колку што можеме“, рече тој.

Share
Scroll to Top