Шефот на мисијата на Обединетите нации за човекови права во Украина, Матилда Богнер изјави дека во Мариупол може да има илјадници цивилни жртви. Таа за „Ројтерс“ изјави дека мисијата нема точна проценка, но работи на собирање повеќе информации.
Канцеларијата за човекови права на ОН потврди дека од почетокот на конфликтот во таа земја ширум Украина се убиени 1.179 цивили, а 1.860 се ранети.
На брифингот минатата недела, Богнер рече дека набљудувачите на ОН добиле повеќе информации за масовните гробници во Мариупол, вклучително и една во која се чини дека има 200 тела.
„ Што се однесува до масовните гробници, всушност, сега решивме да ги наречеме импровизирани гробници“, рече таа.
Речиси 5.000 луѓе, вклучувајќи околу 210 деца, се убиени во Мариупол откако руските сили го опколија пред еден месец, изјави во понеделникот портпаролот на градоначалникот Вадим Бојченко.
Според неговата канцеларија, 90 отсто од зградите во Мариупол биле оштетени, а 40 отсто уништени, вклучувајќи болници, училишта, градинки и фабрики.
Maxar Technologies објави нови сателитски снимки кои најдобро го илустрираат обемот на уништувањето во Мариупол.