Сериски убиец осуден на две доживотни затворски казни призна уште две убиства

пред 4 години

Рускиот суд го осуди поранешниот полицаец Михаил Попков, сериски убиец познат како „врколак“, на уште 10 години затвор, откако претходно беше осуден на две доживотни казни затвор за 81 убиство, соопшти прес-службата на рускиот истражен оддел во регионот Иркутск.

Тој призна уште две убиства во 2020 година, потсетува руската агенција ТАСС.

„На 4 јуни, Градскиот суд во Ангарск го прогласи Михаил Попков за виновен. Земајќи ја предвид позицијата на државното обвинителство, тој е осуден на девет години и осум месеци затвор“, се наведува во соопштението на прес-службата.
Со оглед на претходно изречените казни, неговата последна казна е, како што беше соопштено, доживотна казна затвор под посебен режим во колонијата.

Бруталното убиство на две жени, за кое поранешниот полицаец ја доби третата казна, беше извршено во 1995 година во Ангарск. Во судските документи се наведува дека телото на една од жртвите не е пронајдено. Михаил Попков, познат и како „врколак“ и „ангарски манијак“, изврши серија тешки убиства од 1992 до 2010 година во регионот Иркутск.

Тој беше уапсен во Владивосток во 2012 година, откако беше потврдено неговото учество во 81 убиство и три обиди за убиство на жени.

Попков е поранешен полицаец кој ја напуштил полициската служба во 1998 година. Според резултатите од психијатриската процена, на Попков му била дијагностицирана „убиствена манија“, односно состојба кога некое лице има ирационална желба да убие некого.

Share
Scroll to Top