СЗО: Епидемијата на ебола во Конго продолжува да се шири, потврдени над 3.600 случаи и речиси 1.600 починати

СЗО: Епидемијата на ебола во Конго продолжува да се шири, потврдени над 3.600 случаи и речиси 1.600 починати

пред 1 час

Епидемијата на ебола предизвикана од сојот Бундибугио (Bundibugyo) во Демократска Република Конго продолжува да се шири, а заклучно со 30 јули во светот се потврдени 3.626 случаи на зараза и 1.589 смртни случаи, соопшти Светската здравствена организација (СЗО).

Според податоците на СЗО, во Демократска Република Конго се регистрирани 3.605 заразени и 1.587 починати, додека во Уганда се потврдени 20 случаи и два смртни исхода. Еден случај на инфекција е регистриран и во Франција.

Стапката на смртност изнесува околу 44 проценти, а од почетокот на епидемијата оздравеле најмалку 651 пациент во ДР Конго и 18 во Уганда.

Светската здравствена организација наведува дека епидемијата, која првично била ограничена на областа Монгбвалу во провинцијата Итури, во последните два месеца се проширила во пет провинции и сега зафаќа 49 здравствени зони.

Најтешко погодена останува провинцијата Итури, каде што се регистрирани 88 проценти од сите потврдени случаи и повеќе од 82 проценти од смртните исходи.

Во моментов здравствените власти следат повеќе од 17.800 лица кои биле во контакт со заразени, додека меѓу заболените се потврдени 151 здравствен работник, од кои 44 починале.

Од СЗО предупредуваат дека справувањето со епидемијата дополнително го отежнуваат вооружените конфликти, раселувањето на населението, големата мобилност на луѓето и нападите врз здравствени установи, што го отежнува следењето на контактите, лекувањето на пациентите и спроведувањето на мерките за спречување на ширењето на вирусот.

Во меѓувреме, Министерството за здравство на Уганда на 28 јули официјално прогласи крај на епидемијата во земјата, откако во период од 42 дена не бил потврден ниту еден нов локално пренесен случај. Последниот пациент заразен со увезен случај бил отпуштен од болница на 16 јули.

Сепак, СЗО ќе продолжи да ја следи состојбата во Уганда уште 42 дена за да се потврди дека нема скриени синџири на пренос на инфекцијата. Организацијата предупредува дека земјата и понатаму останува под висок ризик од нови увезени случаи поради интензивното ширење на епидемијата во соседната Демократска Република Конго.

Според проценката на СЗО, ризикот од понатамошно ширење на епидемијата е многу висок во Демократска Република Конго, висок во Уганда и во соседните земји, додека за остатокот од Африка и на глобално ниво ризикот засега останува низок.

Сојот Бундибугио е една од варијантите на вирусот ебола и предизвикува тешко вирусно заболување кое се пренесува од животни на луѓе, а потоа и меѓу луѓето преку директен контакт со крв или други телесни течности на заразено лице, како и преку контаминирани предмети.

Инкубацијата трае од два до 21 ден, а првите симптоми вклучуваат висока температура, замор, болки во мускулите, главоболка и воспалено грло. Во потешките случаи може да дојде до сериозно оштетување на органите и хеморагиски компликации.

Текстот СЗО: Епидемијата на ебола во Конго продолжува да се шири, потврдени над 3.600 случаи и речиси 1.600 починати е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top