Џефри Епштајн, осуден сексуален престапник чија смрт со самоубиство привлече големо внимание поради познатите личности со кои бил поврзан, постојано го споменувал Доналд Трамп по име во приватна преписка во текот на изминатите 15 години со соработник и писател од кругот на Трамп, според новообјавените е-пораки од демократите во Надзорниот комитет на Претставничкиот дом, објавува Cи-ен-ен.
Е-пораките испратени до долгогодишната соработничка на Епштајн, Џилијан Максвел, која беше осудена за трговија со луѓе со цел сексуална експлоатација по неговата смрт, и писателот Мајкл Волф, содржат разговори во кои Епштајн тврди дека Трамп поминал многу време со жена опишана од демократите во Надзорниот комитет како жртва на трговијата со луѓе на Епштајн, според овој американски медиум, пренесува „Н1“.
Е-пораките, исто така, вклучуваат порака во која Епштајн тврди дека Трамп „знаел за девојките“, што се чини дека е референца на тврдењето на Трамп дека го исфрлил Епштајн од неговиот клуб Мар-а-Лаго затоа што „силувал“ млади жени кои работеле таму, според новообјавените е-пораки.
Демократите во Надзорниот комитет на Претставничкиот дом ги објавија е-пораките во средата, објави Си-ен-ен, откако ги добија претходно оваа година преку судска покана испратена до имотот на Епштајн. Се тврди дека Трамп ниту ги испратил ниту ги примил тие пораки, кои главно биле создадени пред неговиот мандат како претседател, и тој не е обвинет за никакво кривично дело во врска со Епштајн или Максвел.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, ги критикуваше демократите во Надзорниот комитет за објавување на пораките, тврдејќи дека членовите „селективно ги препраќале е-пораките до медиумите за да создадат лажен наратив насочен кон оцрнување на претседателот Трамп“, објави Си-ен-ен.
Волф за Си-ен-ен изјавил: „Не се сеќавам на контекстот. Но, во тоа време имав детален разговор со Епштајн за неговиот однос со Трамп и се чини дека ова е дел од тој разговор“.
Во интервју претходно оваа година, Максвел му рекла на заменик-јавниот обвинител Тод Бланч дека „никогаш не го видела претседателот во несоодветна средина“ и дека не се сеќава дека некогаш го видела Трамп во куќата на Епштајн. Таа додаде дека ги видела двајцата заедно на социјални настани, пишува Cи-ен-ен.
„Претседателот никогаш не бил непристоен со никого“, рече Максвел, објави медиумот, додавајќи: „Кога бев во негова близина, тој беше господин во секој поглед“.
Фото: принтскрин
Текстот Си-ен-ен: Епштајн постојано го споменувал Трамп во приватни преписки, покажуваат новообјавените документи е превземен од МАКФАКС.






