Сијарто: Не нè интересира Москва, за Украина нема место во ЕУ

Сијарто: Не нè интересира Москва, за Украина нема место во ЕУ

пред 3 недели

Министерот за надворешни работи Петер Сијарто изјави дека ставот на неговата земја не е диктиран од Москва, туку произлегува од интересите на унгарските граѓани. Тој се повика на референдум, според кој мнозинството гласачи се изјасниле против украинското членство поради загриженост за земјоделството, пазарот на труд и безбедноста.

Изјавата дојде по средбата на украинскиот претседател Володимир Зеленски со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. Зеленски претходно порача дека е „чудно“ кога дури и Владимир Путин не се противи на европските интеграции на Киев, а тоа го прави Унгарија.

Сијарто возврати дека унгарската политика се креира внатрешно, а не по диктат на надворешни сили.

„Нè интересираат само нашите граѓани, а не ставовите од Москва“, рече тој.

На ова реагираше украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, кој оцени дека приклучувањето на Украина не претставува закана за Унгарија. Тој потсети дека унгарските земјоделци активно купуваат украинска пченица, а унгарските компании и пред војната вработувале украински работници за да го пополнат недостигот од кадар.

„Наместо препукувања преку социјалните мрежи, потребна е суштинска дискусија и прагматичен пристап. Верувам дека можеме да најдеме решенија во интерес на двата народа“, порача Сибиха.

Иако сите 27 земји-членки на ЕУ формално дале зелено светло за отворање на преговорите, Унгарија и понатаму го блокира процесот. Минатата година, Будимпешта ѝ достави на Украина листа со 11 барања поврзани со правата на малцинствата, но дел од разговорите биле стопирани поради скандал со наводна шпионажа.

Во меѓувреме, Литванија предложи преговорите да започнат технички со поддршка од 26 земји, а правно да се финализираат кога Унгарија ќе се согласи.

Текстот Сијарто: Не нè интересира Москва, за Украина нема место во ЕУ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top