Со Муцунски се разбираме совршено на бугарски, Скопје да ги исполни условите на ЕУ, порача Петрова-Чамова

Со Муцунски се разбираме совршено на бугарски, Скопје да ги исполни условите на ЕУ, порача Петрова-Чамова

пред 3 часа

Недостатокот на политичка волја за исполнување на преземените обврски го попречува напредокот на Северна Македонија кон Европската Унија. Ова го изјави министерката за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова, објави БГНЕС.

Петрова нагласи дека договорите не се билатерални, туку европско прашање и сите лидери на ЕУ се категорични дека единствениот пат напред за Скопје е да ги исполни веќе преземените обврски.

„Тажно е да се види дека четири години подоцна, договор постигнат на европско ниво и поддржан со одлука на Собранието на Република Северна Македонија сè уште не може да се спроведе поради недостаток на политичка волја“, рече таа.

На прашањето дали зад политиката на Скопје стои странско влијание, вклучително и во врска со предупредувањата во најновиот извештај за Северна Македонија од страна на Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент за опасниот концепт на „српски свет“, министерката одговори:

„Го цитиравте извештајот што зборува во оваа насока. Не е случајно што реков дека станува збор за политичко лидерство. Ако политиката се темели целосно на антитезата, а не на проевропска теза, нормално е да се бара излез од ваквите договори. Не станува збор нужно само за Србија. Во интерес на многу други земји е да има конфликт меѓу земјите од Западен Балкан и земјите-членки на Европската Унија. Таква причинско-последична врска може да се бара на многу нивоа, но конечниот резултат е важен. Политичка волја е потребна кога се прават вакви договори. Ако таа недостасува и е полесно да се изгради политика врз основа на антитезата, тогаш нема да стигнеме многу далеку“, рече Петрова-Чамова, пренесува медиумот.

На новинарско прашање зошто претседателката на Северна Македонија Гордана Силјановска-Давкова се двоуми да зборува македонски во Софија, Петрова-Чамова одговори:

„Никогаш не сум се сретнала со неа. Во моите разговори со министерот за надворешни работи (Тимчо Муцунски) зборувам бугарски и се сложуваме одлично“, рече таа.

Петрова-Чамова истакна дека Бугарија дала доволно јасни сигнали.

„Покажавме целосна подготвеност да обезбедиме предвидливост и јасни критериуми за тоа што треба да се направи. Се надевам дека другата страна ќе се движи кон спроведување на договореното, а не кон обиди за избегнување на одговорност“, рече таа.

Министерката за надворешни работи нагласи дека Софија не поставува нови барања надвор од оние договорени на европско ниво.

„Постои одлука на Народното собрание од 2025 година дека Бугарија сака да се спроведе само европскиот консензус од 2022 година. Не знам каков посилен сигнал може да се даде. Ова е единственото нешто што го сакаме“, рече Петрова-Чамова.

Таа изрази надеж дека политичкото раководство во Македонија ќе ги фокусира своите напори кон создавање јавна и политичка клима за спроведување на обврските, бидејќи ова е „најдобрата европска перспектива и најдобриот пат за граѓаните на Северна Македонија“.

Текстот Со Муцунски се разбираме совршено на бугарски, Скопје да ги исполни условите на ЕУ, порача Петрова-Чамова е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top