Трамп: Приоритет е решение на војната во Украина

Трамп: Потребно е да се стави крај на војната во Газа

пред 2 недели

Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп изјави дека сака крај на војната во Појасот Газа и дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го знае тоа.

Трамп за магазинот „Тајм“ рече дека го информирал Нетанјаху за неговата позиција во телефонски разговори за време на кампањата за претседателските избори во САД на 5 ноември.

Американски магазин во октомври објави дека Трамп му рекол на Нетанјаху за време на состанокот во јули во Флорида дека сака војната да заврши додека тој се врати во Белата куќа. Трамп ќе ја преземе функцијата претседател на САД на 20 јануари.

Израел претходно ги отфрли ваквите јавни повици на светските лидери, тврдејќи дека притисокот е неправедно насочен кон таа земја наместо кон палестинскиот Хамас, против кој води војна во Појасот Газа.

На почетокот на овој месец Трамп предупреди дека ќе биде платена „пеколна цена“ доколку заложниците држени во Газа не бидат ослободени до 20 јануари, јавуваат израелските медиуми. Трамп, сепак, тогаш не ги спомна Хамас или Израел.

Нетанјаху досега одбиваше да ја заврши војната во Газа во замена за ослободување на заложниците, тврдејќи дека тоа ќе му овозможи на Хамас да се прегрупира.

Дополнително, Нетанјаху има обврска кон неговите екстремно десничарски партнери во владејачката коалиција, кои се заканија дека ќе ја соборат владата доколку тој се согласи на таква размена.

Израелскиот одбранбен естаблишмент претпочита да се согласи со договорот бидејќи верува дека Израел може да ги врати војниците во Газа доколку е потребно дури и по повлекувањето, и предупредува дека многу од заложниците нема да бидат живи ако долго се чека да се постигне договор.

Неименуван арапски дипломат, запознаен со текот на преговорите, за израелските медиуми изјави дека двете страни покажале подготвеност за компромис за условите за повлекување на Израел од Газа. Спорно прашање за кое нема договор е дали прекинот на огнот би бил траен или привремен.

Посредниците се залагаат за договор во три фази, сличен на оној предложен од Израел во мај и поддржан од американскиот претседател Џозеф Бајден.

Израел е фокусиран на првата фаза од договорот од 40 до 60 дена, а Хамас стравува дека земјата ќе продолжи да се бори откако Трамп ќе стане претседател.

На прашањето дали му верува на Нетанјаху, сега кога му се приближува вториот мандат, Трамп по кратко размислување рече дека „не му верува на никого“.

Текстот Трамп: Потребно е да се стави крај на војната во Газа е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top