Три лица уапсени за падот на жичницата, кабината не била исправна пред еден месец

пред 3 години

Три лица се уапсени затоа што, според полициското соопштение, постојат силни индиции дека тие се виновни за уривањето на кабината на жичницата на северот на Италија, пишува агенцијата Анса.

Во несреќата што се случи во неделата, загинаа 14 лица, а единствениот преживеан е 5-годишно момче кое е во болница и се уште е во животна опасност.

Истрагата покажала дека кабината веќе била неисправна на почетокот на мај и дека директорите се јавиле во компанијата што требала да го поправи дефектот на безбедносната сопирачка, која не работела.

Дефектот, сепак, не бил поправен, а кабината била оставена да функционира со надеж дека главниот, носечки кабел нема да се расипе и дека нема да има потреба од безбедносна сопирачка.

По 12-часовно испрашување, уапсен е сопственикот на компанијата што управувал со жичницата, како и извршниот и техничкиот директор.

Според полициското соопштение, истрагата продолжува, а некои факти покажуваат дека други лица може да бидат вклучени во истрагата и евентуално уапсени.

Share
Scroll to Top