Турција стравува дека би можела да стане нова цел на Израел по конфликтот со Иран, изјави турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан.
Фидан рече дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху не може политички да опстане без непријатели и дека постои можност Турција да биде означена како нов противник.
Тој додаде дека урамнотежената улога на Турција во регионот ја прави цел на израелски притисок и дека Нетанјаху има „комплекс“ кон турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
„Кога се гледа од перспектива на Сирија, Газа и Либан, екстремистичките политики што Израел ги прошири се целосно спротивни на турските. Затоа и ја таргетираат Турција“, изјави Фидан.
Тој повтори дека „по Иран, Израел не може да живее без непријател“ и дека постои можност Нетанјаху да се обиде Турција да ја одреди како следен противник.
Во меѓувреме, Ердоган го обвини Израел за злосторства врз Палестина и Либан и се закани со можна воена акција против Тел Авив.
„Мора да бидеме силни за да го спречиме Израел да ѝ го направи тоа на Палестина. Како што влеговме во Карабах, како што влеговме во Либија, така ќе направиме и со нив“, изјави Ердоган.
Тој додаде дека ништо не ја спречува Турција да преземе такви чекори, освен потребата да биде доволно силна за тоа.
Текстот Турција стравува дека би можела да стане нова цел на Израел по Иран е превземен од МАКФАКС.






