Украина ги проширува санкциите: На удар компаниите што ја сервисираат руската нафтена флота

Украина ги проширува санкциите: На удар компаниите што ја сервисираат руската нафтена флота

пред 3 часа

Украинскиот претседател Володимир Зеленски потпиша уредба со која се воведуваат санкции против компании што ѝ обезбедуваат услуги на руската танкерска флота и превезуваат нафта под санкции. Зеленски тоа го објави на социјалната мрежа X, нагласувајќи дека Украина продолжува со усогласување на своите санкции со Европската Унија, пренесе „Украинска правда“.

„Потпишав уредба со која се воведуваат санкции против компании што ја сервисираат руската танкерска флота и превезуваат санкционирана нафта“, стои во објавата.

Зеленски појасни дека новите санкции се насочени и кон пропагандисти на Кремљ, како и кон поединци вклучени во кибер-напади врз Украина и нејзините партнери. Тој потсети дека Европската Унија минатата недела ги усогласи своите мерки со украинските санкции против шест руски пропагандисти во рамки на својата јурисдикција.

Украинскиот претседател најави и понатамошни чекори во соработка со Европската Унија.

„Во тек е и работата на 20. пакет санкции на ЕУ. Очекуваме тој да биде усвоен до крајот на февруари. Веќе сега гледаме дека многу од нашите предлози се земени предвид“, изјави тој.

Во рамки на новиот пакет санкции, Европската Унија ја разгледува можноста горната граница на цената на руската нафта да биде заменета со целосна забрана на поморските услуги.

Овие мерки се дел од пошироките напори за спречување на руските обиди за заобиколување на санкциите. Украинската разузнавачка служба ја ажурираше својата база на податоци за таканаречената „флота во сенка“, објавувајќи детали за 66 пловила што превезуваат украдено украинско жито, како и санкционирана руска и венецуелска нафта.

Претходно стапија на сила украински санкции против речиси 700 пловила за кои Киев тврди дека Русија ги користи за финансирање на војната.

Со цел да се олесни спроведувањето на мерките, Државната царинска служба на Украина разви специјализиран софтвер „Санкции за поморски пловила“, кој им овозможува на царинските органи брза идентификација на санкционираните бродови.

Зеленски на 25 ноември минатата година потпиша уредба за санкции против 56 пловила кои во периодот од 2022 до 2025 година влегувале во пристаништа на привремено окупираните украински територии.

Во декември минатата година, Службата за безбедност на Украина во пристаништето Одеса задржа странски товарен брод кој бил дел од руската „флота во сенка“ и нелегално превезувал земјоделски производи од привремено окупираниот Крим.

Текстот Украина ги проширува санкциите: На удар компаниите што ја сервисираат руската нафтена флота е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top