Финската полиција истражува дали „Гугл“ ја оштетил животната средина при изградбата на дата-центарот

Финската полиција истражува дали „Гугл“ ја оштетил животната средина при изградбата на дата-центарот

пред 3 часа

Финската полиција покрена кривична истрага поради сомнеж за кривично дело против животната средина на градилиштето на новиот дата-центар на „Гугл“. Истрагата е насочена кон финската подружница на компанијата, „Туике Финланд“, и градежните работи во близина на градот Мухос, на северот на земјата, пренесува „Ројтерс“.

Проектот е дел од планот што „Алфабет“, матичната компанија на „Гугл“, го најави минатиот месец. Станува збор за инвестиција од 13,5 милијарди евра во инфраструктура за вештачка интелигенција во Финска, која „Гугл“ ја опиша како своја најголема инвестиција во Европа. За реализација исечени беа 250.000 дрвја.

Според еколошките активисти, нарушен е локалниот екосистем, а жителите пријавуваат загадување на водотеците, иселување на дивите животни и зголемена бучава.

ПОВЕЌЕ НА ТЕМАТА: (Видео) „Гугл“ исече 250.000 дрвја во Финска за изградба на дата – центар

Властите наведуваат дека „Туике Финланд“ почнала со расчистување на шумата и изведување работи за одводнување пред да бидат завршени проценките за влијанието врз животната средина, кои се задолжителни според финското законодавство.

Истрага поради пропусти во управувањето со водите

„Според прелиминарните информации, имало нејаснотии и пропусти во системот за одводнување и управување со водите на градилиштето“, се наведува во полициското соопштение.

Полицијата додава дека во рамките на кривичната истрага ќе бидат испитани сите околности поврзани со овие проблеми.

Финската агенција за надзор на заштитата на животната средина уште на 6 октомври му нареди на „Гугл“ да ги запре сите подготвителни работи што ја менуваат животната средина во Мухос, како и на уште една локација.

Од „Гугл“ претходно соопштија дека ги започнале подготвителните работи бидејќи верувале дека ги имаат сите потребни дозволи во согласност со законот. На новото барање за коментар не одговориле веднаш.

Финска како привлечна локација за центри за податоци

Финска во последните години стана една од главните европски дестинации за вакви инвестиции. Причините за тоа се студената клима, достапноста на електрична енергија со ниски емисии на јаглерод и силната поддршка од Владата за проектите поврзани со вештачката интелигенција.

Иако по површина е споредлива со Германија, Финска има помалку од шест милиони жители, а отпорот на јавноста кон изградбата на центри за податоци е значително помал отколку во други региони, вклучително и во Соединетите Американски Држави.

„Гугл“ најави дека планираните инвестиции во Финска, покрај центрите за податоци, опфаќаат и модернизација на електричната мрежа, како и проекти за чиста енергија и батериски системи.

Овие ресурси ќе се користат за функционирање на услугите како „Џемини“, „Гугл пребарување“, „Гугл мапс“ и „Јутјуб“.

Финскиот премиер Петери Орпо минатиот месец го поддржа планот на „Гугл“, истакнувајќи дека инвестицијата ќе даде силен поттик за економијата.

 

Текстот Финската полиција истражува дали „Гугл“ ја оштетил животната средина при изградбата на дата-центарот е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top