Финскиот претседател Александар Стуб денес изрази умерен оптимизам дека напорите за завршување на војната во Украина се движат во вистинската насока, посочувајќи на неодамнешните разговори за прашањето во кое учествуваа САД, Украина, Русија и европските земји.
„Ако не зборувате за мир, ако немате процес, ако немате агенда за мир, тогаш никогаш нема да го постигнете“, рече Стуб во интервју за Блумберг.
Тој, исто така, посочи на посилна европска координација пред преговорите, нагласувајќи дека Европа се организирала по ова прашање.
Минатата недела, европските лидери назначија советници за национална безбедност од Франција, Германија, Велика Британија, Италија и Полска да го претставуваат континентот во техничките разговори, заедно со претставници на Европската Унија.
Во исто време, Стуб посочи дека не очекува војната да заврши до крајот на годината, што значи дека се потребни подготовки за она што, според него, веројатно ќе биде тешка зима во Украина.
Тој ја нагласи важноста на поддршката на украинската воздушна одбрана, енергетската инфраструктура и финансирањето.
Финскиот претседател се осврна и на прашањето за вештачката интелигенција и технолошкиот суверенитет на Европа, како и нејзината зависност од инфраструктурата на која се потпираат новите технологии.
Стуб истакна дека вештачката интелигенција и поврзаните инвестиции ја гледа како можност за Европа, додавајќи дека новата инфраструктура неизбежно ќе наиде на отпор, бидејќи ги нарушува воспоставените начини на функционирање.
Според него, центрите за податоци можат да привлечат дополнителни инвестиции и да донесат значителни придобивки за целата економија.
„Кога станува збор за центри за податоци, колку повеќе има, толку подобро“, заклучи финскиот претседател, пренесува Танјуг.
Фото: ЕПА
Текстот Финскиот претседател: Ако немате агенда за мир, никогаш нема да го постигнете е превземен од МАКФАКС.


