Фон дер Лајен: Украина не се бори само против напаѓачите, туку и за Европа

Фон дер Лајен: Украина не се бори само против напаѓачите, туку и за Европа

пред 11 месеци

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денеска се залагаше дека Европската Унија (ЕУ) треба да обезбеди голема финансиска поддршка за Украина и силно да ја поддржи кандидатурата на Киев за пристапување во ЕУ.

Таа зборуваше во пресрет на клучниот самит на европските 27 земји в четврток и в петок, на кој ќе се одлучи дали Унијата ќе го одобри почетокот на пристапните преговори со Украина, како и европската помош од 50 милиони евра во вид на подароци и заеми.

„Треба да ѝ го дадеме на Украина она што ѝ треба за да биде силна денес, да биде посилна утре, во моментот кога се преговара за праведен и траен мир“, рече Фон дер Лајен пред пратениците во Европскиот парламент во Стразбур.

Во време кога војната се пролонгира, треба да докажеме што значат нашите зборови, дека ќе ја поддржуваме Украина „колку што е потребно“, посочи таа.

„Украина не се бори само против напаѓачите, туку и за Европа. Приклучувањето кон нашето семејство би било најголемата победа за Украина“, рече фон Дер Лајен додавајќи дека ЕУ треба да одигра одлучувачка улога за тоа.

Според неа, ЕУ треба да ѝ гарантира на Украина стабилно и суштинско финансирање во следните четири години, што, како што истакна, ќе им даде доверба на инвеститорите и ќе им даде надеж на украинските борци.

Сепак, унгарскиот премиер Виктор Орбан, единствениот лидер на ЕУ кој одржува блиски врски со Кремљ по почетокот на руската инвазија, се заканува дека ќе ги блокира клучните одлуки на Унијата во врска со Украина, пишуваат медиумите во регионот.

Во надеж за отстранување на унгарската блокада, според написите, Европската комисија денеска треба да одлучи да ослободи уште 10 милијарди евра за Будимпешта. Тоа предизвика бурни реакции во Европскиот парламент, каде што европратениците се загрижени дека Брисел ќе попушти пред уцените на националистичкиот унгарски лидер.

Текстот Фон дер Лајен: Украина не се бори само против напаѓачите, туку и за Европа е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top