(Фото) Со спектакуларното збогување со ајатолахот, Иран испрати порака до Америка, пишува Би-би-си

(Фото) Со спектакуларното збогување со ајатолахот, Иран испрати порака до Америка, пишува Би-би-си

пред 10 часа

Тридневната јавна жалост во Техеран за убиениот врховен лидер заврши со голем политички спектакл што новите власти сакаа да го приредат за светот. Огромна погребна поворка, носејќи ги ковчезите на ајатолахот Али Хамнеи и четворица членови на неговото семејство, полека се движеше по десеткилометарска рута, забавена и често запрена од милиони ожалостени, во еден од најголемите јавни собири во последните години, објавува Би-би-си.

Но, многумина останаа настрана, исцрпени од две војни за помалку од една година, инфлацијата што се движеше околу 80 проценти и болното сеќавање на антивладините протести во јануари. Некои го обвинуваат Хамнеи, кој беше и врховен командант, за задушувањето на тие протести во кои беа убиени илјадници луѓе.

„Секако дека нема да одам на погребот“, рече еден човек пред една од многуте места за одмор поставени низ градот за да се обезбеди бесплатна храна и вода. „Многу луѓе се невработени и многу несреќни“, објасни тој.

Воздушните снимки од вчерашната поворка покажаа една од главните сообраќајници во Техеран исполнета со ожалостени лојалисти кои ги скандираа карактеристичните слогани на Исламската Република: „Смрт за Америка“ и „Смрт за Израел“.

Спектакл на отпор и одмазда
„Солзите доаѓаат од болката и тагата што растат во човекот, а светот ја гледа таа вистина“, рече иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, отфрлајќи го тврдењето на американскиот претседател Доналд Трамп дека тоа биле „лажни солзи“.

Комеморациите сега се преместуваат на некои од најсветите места за шиитските муслимани – денес во Ком, јужно од Техеран, а потоа во Наџаф и Кербала во соседен Ирак. Погребот ќе се одржи во четврток во големото светилиште на имамот Реза во Машхад, родното место на ајатолахот и најсветиот град во Иран.

„Погребните церемонии беа дизајнирани да го прикажат не само како национален лидер, туку и како трансцендентна религиозна и политичка фигура чиј авторитет се протегаше низ целиот муслимански свет, а особено шиитскиот ислам“, забележа Мохамед Еслами, истражувач на Универзитетот во Техеран.

Исто така, постои и построг поглед на неговото наследство. „Револуцијата што ја зачува беше за свет што повеќе не постои“, вели Карим Саџадпур, автор на „Читајќи го Хамнеи: Светскиот поглед на најмоќниот лидер на Иран“.

Пораки до Трамп
Во Техеран, камион со платформа, украсен со арапско писмо, носеше пет ковчези обоени во зелената, црвената и белата боја на иранското знаме. Тие ги носеа Хамнеи и четири членови на семејството, вклучувајќи го и најмалиот ковчег за неговата 14-месечна внука Зара. Сите беа убиени во израелско-американските воздушни напади на 28 февруари, во раните часови од војната.

Црвената боја беше најистакната во огромната толпа ожалостени облечени во црно. Религиозните знамиња што симболизираат крв и мачеништво ги засилија повиците за одмазда за атентатот. Постери на англиски јазик што го истакнуваа Трамп како главна цел беа кренати високо за стотици странски новинари на кои им беше даден редок пристап да го следат погребот.

Иранска апликација за пораки им советуваше на поддржувачите на владата да користат слогани како „Нашата одмазда е неизбежна“ и „Тој ќе плати. Тој ќе плати скапо“.

„Сакам да кажам една реченица на претседателот Трамп и на светот“, рече тој. „Наскоро, многу наскоро, ќе видите знаци на одмазда на врвот на Белата куќа, а наскоро бојата на Белата куќа ќе биде бојата на моето црвено знаме.“, порача еден човек меѓу собраните кои го испраќаа Хамнеи.

Текстот (Фото) Со спектакуларното збогување со ајатолахот, Иран испрати порака до Америка, пишува Би-би-си е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top