Највисокото здравствено советодавно тело на Франција (ХАС) соопшти дека препорачува вакцината против Ковид-19, кога ќе пристигне во земјата, прво да им се даде на старските домови и нивниот персонал.
ХАС предложи вакцинацијата да се спроведе во фази и на доброволна основа, како и во многу други земји.
Претседателот Емануел Макрон минатата недела рече дека вакцините може да се користат веќе на крајот на годината во Франција, доколку бидат одобрени од регулаторните тела.
По старските домови, кои опфаќаат околу 840.000 луѓе во Франција, втората фаза ќе биде насочена кон лица на возраст од 65 години и повеќе, како и некои здравствени работници, соопшти ХАС.
Следните три фази ќе вклучуваат луѓе со хронични заболувања како што се дијабетес, потоа професионалци кои работат во изложени услови и возрасни без хронични заболувања.
„Овие препораки ќе бидат дополнително развиени кога ќе имаме повеќе податоци. Ние повикуваме на вакцинација на доброволна основа”, им рече на новинарите лидерот на ХАС, Доминик ле Гулудек.
Француската влада треба детално да објасни во наредните денови како се спроведува нејзината кампања за вакцинација.
Од приближно 1,9 милијарди дози што се очекува да ги набави ЕУ во оваа фаза, Франција сака да обезбеди околу 295 милиони дози.