Хиџабот може да се забрани на работното место, соопшти Европскиот суд на правдата

пред 3 години

Компаниите можат да им забранат на своите вработени од муслиманска вeра под одредени услови да носат хиџаб, марама за покривање на косата, на работното место, пресуди Европскиот суд на правдата во два случаи иницирани од муслиманки во Германија, пренесоа светските гласила.

И во двата случаи, тие жени биле суспендирани од работа поради носење хиџаб.

Ова прашање е контроверзно низ цела Европа со години и покажува големи разлики околу прашањето за муслиманската интеграција, анализираат светските агенции.

Две муслиманки, едната вработена во установа за згрижување деца, а другата касиерка, не носеа шамии кога почнаа да работат, но одлучија да го сторат тоа неколку години подоцна по враќањето од породилно отсуство, пишуваат германските медиуми.

Им било кажано дека тоа не е дозволено, а потоа биле суспендирани, им било кажано дека можат да дојдат на работа само доколку не бидат покриени со марама.

Според написите, судот мораше да одлучи дали станува збор за повреда на слободата на вероисповед или повреда на слободата на деловната активност и желбата на работодавачот да им се претстави на своите клиенти на неутрален начин.

„Забраната за носење видливи форми на изразување на политички, филозофски или религиозни убедувања на работното место може да биде оправдана со потребата на работодавачот да се претстави на корисниците на неутрален начин или да спречи социјални спорови“, рече судот.

По пресудата на Европскиот суд, сега е на националните судови да го кажат последниот збор и да одлучат дали постои дискриминација.

Во Австрија, сепак, Уставниот суд донесе одлука дека законот за забрана за носење марами во училиштата за девојчиња под 10 години е дискриминирачки.

Франција, исто така, забрани носење бурка на јавно место во 2010 година, а ваквиот чекор го следеа голем број други земји, како Австрија во 2017 година, Данска во 2018 година, Холандија во 2019 година и неодамна Швајцарија на референдум во март 2021 година.

Share
Scroll to Top