Здравствените власти во Црна Гора, откако продолжи намалувањето на бројот на заболени со коронавирус, донесоа одлука за понатамошно ублажување на епидемиолошките мерки и дозволија влез на туристи од источна Европа без никакви услови.
Граѓани на Русија, Белорусија и Украина отсега ќе можат да влезат во Црна Гора без да имаат негативен тест или доказ за вакцинација, а истото ќе важи и за земјите од регионот.
Како што пренесуваат регионалните медиуми, патниците од други земји, при преминот на границата, ќе мора да имаат негативен ПЦР-тест или доказ дека биле вакцинирани со втора доза на вакцина, најмалку седум дена пред да влезат во Црна Гора.
Црногорската влада очекува дека по минатогодишниот крах на туристичка сезона, летово ќе може да оствари приход од околу 600 милиони евра, што е на ниво од 60 проценти од најуспешната туристичка сезона во 2019 година.
Црна Гора, воведувајќи остри епидемиолошки мерки за еден и пол месец, проследени со прилично бавна кампања за вакцинирање, успеа да го намали бројот на активни случаи од околу 10.000 на 2.753, колку што има во моментов.
Бидејќи епидемиолошката состојба се подобрува, црногорските здравствени власти ги олеснија ограничувачките мерки.
Сепак, сè уште е задолжително да се носат заштитни маски на отворено и затворено, а има и полициски час од 23 до 5 часот наутро, како и ограничување дека најмногу четири лица можат да седат на една маса во угостителските објекти.