Црна Гора направи важен чекор кон ЕУ

Црна Гора направи важен чекор кон ЕУ

пред 6 месеци

Европската комисија денеска препорача одржување на Меѓувладината конференција со Црна Гора и испрати позитивен Извештај за исполнување на привремените одредници во поглавјата 23 и 24 (ИБАР), јавуваат црногорските медиуми.

Според неофицијални информации на црногорските медиуми, ЕК дала зелено светло за натамошно разгледување на извештајот во Советот на ЕУ.

Извештајот за исполнување на привремените одредници (ИБАР) Европската комисија го достави до земјите-членки на ЕУ, кои конечно одлучуваат за продолжување на процесот на пристапни преговори меѓу земјата кандидат и Европската унија.

Во својата оценка, ЕК заклучи дека Црна Гора во целина ги исполнила привремените одредници, постигнала добар резултат на ниво на усогласеност и дека напредува во примената на правото на ЕУ и европските стандарди во поглавјата 23 и 24.

Во случајот со Црна Гора, позитивен ИБАР беше неопходен за земјата да излезе од повеќегодишниот застој во процесот на преговори за членство. Црна Гора ги отвори сите поглавја, но само три досега се привремено затворени.

Црна Гора аплицираше за членство во ЕУ во 2008 година, а пристапните преговори започнаа на 29 јули 2012 година.

До застој во преговорите меѓу ЕУ и Црна Гора дојде во 2020 година, кога на парламентарните избори за прв пат по три децении беше сменета Демократската партија на социјалистот Мило Ѓукановиќ.

Преговорите беа деблокирани на крајот на 2023 година, со доаѓањето на новата влада предводена од Милојко Спајиќ од популистичкото движење Европа сега.

Текстот Црна Гора направи важен чекор кон ЕУ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top