Чешкиот претседател: Киев е подготвен на болни отстапки заради мирот

Чешкиот претседател: Киев е подготвен на болни отстапки заради мирот

пред 2 часа

Украинското раководство е подготвено да направи низа исклучително тешки компромиси со цел да се стави крај на долготрајниот вооружен конфликт, изјави претседателот на Чешката Република, Петр Павел, за време на неговата посета на Киев.

Зборувајќи на заедничка прес-конференција со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, Павел изјави дека украинската страна веќе вложила огромен напор, условите за евентуален мировен договор да бидат прифатливи за сите вклучени актери. Иако не даде конкретни детали, чешкиот претседател нагласи дека станува збор за „болни отстапки“ што подразбираат значителни жртви за Украина.

„Верувам дека постојат неколку болни отстапки што Украина мора да ги направи и е подготвена да ги направи, под услов тоа да води кон мир“, рече Павел.

Тој додаде дека е потребно сите дипломатски напори на европските земји да бидат координирани со администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, нагласувајќи дека без унифициран настап на сојузниците, не може да има одржливо решение.

„Украина направи многу за да се осигури дека предложеното решение е прифатливо“, нагласи Павел, додавајќи дека дипломатијата и способноста на Западот да дејствува како обединет фронт остануваат одлучувачки фактори во наредниот период.

Порано на истиот брифинг, Зеленски призна дека постојат сериозни несогласувања со Белата куќа во врска со нацрт-мировниот договор, наведувајќи дека интересите на страните „не се на иста страна“.

Во пресрет на посетата, украинските медиуми истакнаа дека еден од клучните проблеми е тоа што Вашингтон продолжува да инсистира Киев да ги повлече своите трупи од Донбас, како и дека одбива да им даде безбедносни гаранции на европските трупи во случај на нивно евентуално распоредување на територијата на Украина.

Текстот Чешкиот претседател: Киев е подготвен на болни отстапки заради мирот е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top