Јордан лани бил нападнат од дронови од иранско производство, тврди кралот Абдула Втори

пред 3 години

Јорданскиот крал Абдула Втори вчера изјави дека неговата земја минатата година била нападната од беспилотни летала и ракети од иранско производство.

„За жал, Јордан беше нападнат од беспилотни летала што се покажа дека се со ирански потпис и тоа беше проблем со кој моравме да се справуваме изминатата година и кој ескалира“, рече кралот Абдулах во интервју за Си-ен-ен.

Тој во интервјуто посочи на бројни проблеми поврзани со Иран, вклучувајќи ги иранската нуклеарна програма, развојот на балистички ракети, сајбер-нападите и престрелките долж границите со Јордан.

„Иранската балистичка технологија драматично се подобри. Го видовме тоа, за жал, во нападите против американските бази во Ирак. Видовме дека Саудијците се напаѓани со ракети од Јемен. Израел од Сирија и од Либан, до одреден степен“, рече Абдула Втори.

„Она што ќе го промаши Израел понекогаш слетува во Јордан… Додајте ги на тоа зголемените кибернетички напади врз многу наши земји. Престрелките на нашите граници се зголемија скоро до ниво на ескалацоја со Исламска држава“.

Кралот Абдула Втори во моментов е во двонеделна посета на САД каде што минатата недела се сретна со американскиот претседател Џо Бајден, со што стана првиот лидер на Блискиот Исток што ја посети Белата куќа откако Бајден дојде на функција.

Јорданско-иранските односи беа во прекин речиси две децении откако Јордан го поддржа Ирак во неговата војна против Иран во 80-тите години на минатиот век.

Share
Scroll to Top