Џонсон го откажа патувањето во Индија поради лошата епидемиолошка состојба

пред 4 години

Борис Џонсон го откажа патувањето во Индија, кое требаше да се одржи следната недела, поради епидемиолошката состојба во таа земја, соопшти кабинетот на британскиот премиер.Џонсон го одложи тоа патување уште во јануари, но тогаш поради лошата епидемиолошка состојба во Велика Британија.

Бројот на заразени расте во Индија и земјата се бори со вториот бран на епидемијата.

„Во светло на моменталната ситуација со коронавирус, премиерот Борис Џонсон нема да може да патува во Индија следната недела“, се вели во заедничкото соопштение на британската и индиската влада, објавено од канцеларијата на Џонсон.

„Наместо тоа, премиерите Моди и Џонсон ќе разговараат подоцна овој месец за да се договорат и да ги започнат своите амбициозни планови за идно партнерство меѓу Велика Британија и Индија“, се додава.

Односите со Индија се клучна компонента на амбициите на Велика Британија по Брегзит. Таа сака да ја зајакне трговијата со земји надвор од Европската Унија, како и влијание во индопацифичкото подрачје.

Велика Британија како домаќин ја покани Индија да присуствува на самитот на земјите членки на Г7 во јуни годинава.

Британските здравствени власти во неделата рекоа дека истражуваат индиски варијанти на коронавирус, но истакнаа дека сè уште немаат доволно докази за да ги означат како поопасни.

Share
Scroll to Top