Националното здружение на адвокатите во САД го повика Facebook да се откаже од плановите за Instagram програмата за деца под 13-годишна возраст – „Instagram Kids“, наведувајќи ја како причина загриженоста за безбедноста и психичкото здравје на децата и штетата што социјалните медиуми може да ја направат притоа.
Во писмо до извршниот директор на Facebook, Марк Цукерберг, 44 врвни државни и регионални адвокати тврдат дека социјалните медиуми може да бидат многу штетни за децата и дека Facebook не успеал да ја заштити благосостојбата на децата на своите платформи во својата практика до денес. Како пример, тие ја наведуваат апликацијата „Messenger Kids“, којашто „им дозволува на децата да ги заобиколат ограничувањата“ и да се приклучат на групни разговори со непознати.
„Facebook како да не реагира на потребата, туку ја создава, бидејќи оваа платформа првенствено им се допаѓа на деца кои инаку не би имале профил на Instagram. Накратко, платформата на Instagram за деца е штетна поради огромен број причини. Државните адвокати го повикуваат Facebook да се откаже од своите планови за лансирање на таа нова платформа“, се вели во писмото.
Тие го наведуваат и кибер-вознемирувањето на Instagram и злоупотребата од страна на луѓе кои ги експлоатираат децата на различни начини, како штетни појави. Само во 2020 година, Facebook и Instagram објавија 20 милиони слики на сексуална злоупотреба на деца, според адвокатите.
„Децата не се способни да се справат со комплексноста на она што го среќаваат на интернет, како што се рекламирање, несоодветна содржина и односи со туѓинци“, се истакнува во документот.
Кибер-вознемирувањето е еден од главните проблеми. Истражување од 2017 година покажа дека дури 42 отсто од младите корисници на Инстаграм доживеале вознемирување на интернет. А, децата денес минуваат повеќе време на интернет поради пандемијата на Ковид-19, па има опасност дека овие проблеми само ќе се влошуваат, предупредуваат државните адвокати.