Екипажот на вселенскиот брод „Шенжоу-21“ на Кина ќе остане во вселената уште еден месец, по внимателно разгледување од страна на Кинеското биро за вселенско инженерство со екипаж, објави денес кинеската државна телевизија.
Вселенскиот брод „Шенжоу-21“ и неговиот екипаж беа лансирани на 31 октомври со ракетата „Лонг марш-2Ф“ од Центарот за лансирање сателити „Џиукван“ во северозападна Кина.
Во мисијата учествуваат тројца астронаути на шестмесечен престој во вселената. Во тековната мисија се вклучени Џанг Хонгџанг, Ву Феи, најмладиот кинески астронаут испратен во вселената, и командантот Џанг Лу, кој леташе на мисијата „Шенжоу-15“ во 2022 година. Тројцата астронаути имаа 39, 32 и 48 години во времето на лансирањето.
Астронаутите, со поддршка од роботска рака и истражувачи на вселенска станица, успешно ги завршија задачите, вклучително и инсталирање уреди за заштита од вселенски отпад и инспекција на опрема и објекти надвор од вселенскиот брод, соопшти CCTV, повикувајќи се на вселенскиот уред.
Тројцата астронаути поминаа повеќе од пет месеци во орбитата и се во добра физичка и работна состојба, соопшти CCTV.
Се очекуваше екипажот на „Шенжоу-21“ да се врати на Земјата околу април по завршувањето на нивната шестмесечна смена. Престојот сега ќе биде продолжен за еден месец, иако CCTV не го прецизираше точниот датум на враќање.
„За понатамошна проверка на технологиите поврзани со долгорочниот престој на астронаутите во орбитата, планирано е престојот на екипажот во орбитата да се продолжи за околу еден месец“, соопшти CCTV.
За време на продолжениот вселенски лет, екипажот ќе продолжи да спроведува релевантни научни и технолошки експерименти, додаде вселенското биро.






