По две години од пандемијата, најголемиот светски саем за дигитална забава, Gamescom, кој се одржа во Келн, повторно ширум ги отвори вратите за јавноста. Кај германските производители преовладуваше оптимизам, велат од здружението „Game“.
По две изданија без публика, Gamescom, најголемиот светски саем за компјутерски игри и дигитална забава, повторно ги отвори вратите за посетителите на 24 август во Келн. Саемот започна претходната вечер, со двочасовна шоу програма каде беа објавени детали за најновите наслови, вклучувајќи ги и Dead Island 2, Hogwarts Legacy, Return to Monkey Island, Sonic Frontiers и Killer Klowns From Outer Space 2.
Првиот саемски ден, како и обично, беше наменет за професионална публика, а од четврток до недела беше отворен за сите. Според организаторите, Саемот во Келн и Здружението Game, билетите за саботата биле распродадени. Тие не сакаа да кажат колку вкупни посетители имало, но се знае дека биле пуштени помалку билети отколку во годините пред пандемијата, кога се знаеше дека Gamescom го посетиле до 370.000 луѓе.
Помал беше и бројот на излагачи: учеството го откажаа големите понудувачи како Electronic Arts, Sony, Nintendo и Activision Blizzard, од кои некои знаеја сами да ја наполнат целата сала. Годинава беа најавени 1.100 излагачи од 53 земји.
Здружението на производители на компјутерски и видео игри Game, бара од политиката поконстантна поддршка за своите членови. Во 2020 година тогашниот сојузен министер за транспорт Андреас Шојер (ЦСУ) најави поддршка за индустријата во вкупен износ од 50 милиони евра на саемот „Gamescom“.
Веќе се видливи првите позитивни ефекти од таа поддршка, вели Феликс Фалк, претседател на здружението Game. И тоа, како што истакна, и покрај тоа што повеќето од игрите кои добија поддршка поради долгогодишната работа на нивниот развој се уште не се појавија на пазарот. „Но, ние имаме голема предност во основањето компании и привлекувањето експерти“, рече Фалк.
Коалицискиот договор на актуелната германска влада предвидува и поддршка за индустријата за компјутерски игри. Но, во предлог-буџетот за следната година, кој Владата го усвои во јули, оваа поддршка изнесува 48,8 милиони евра, што е нешто помалку од претходните 50 милиони. Фалк смета дека тоа испраќа погрешен сигнал: „Учествуваме на меѓународен пазарен натпревар и јасно е дека странските компании веднаш забележуваат вакво нешто и мислат: Ах, тие Германци сепак не се толку сериозни“.