Кинеска компанија се најде на удар поради користење препознатливи карактери за промоција на својата услуга за вештачка интелигенција.

Кпмпаниите „The Walt Disney Company“, „NBCUniversal“ и „Warner Bros. Discovery“ поднесоа заедничка тужба против кинеската фирма за вештачка интелигенција „MiniMax“, обвинувајќи ја за масовно кршење на авторските права на содржината од нивните филмски студија.

Компаниите ја поднесоа тужбата во Окружниот суд на Соединетите Американски Држави за Централниот округ на Калифорнија, тврдејќи дека „MiniMax“ го крши американскиот закон за авторски права со тоа што ги третира заштитените филмски ликови како свои, објави „Аксиос“.

Студијата тврдат дека ова е „намерно и очигледно“ кршење на авторските права и дека „MiniMax“ не одговорил на барањата за преземање чекори за да се избегне кршење на авторските права, што други компании за вештачка интелигенција веќе ги презедоа.

„Моделот на работа на MiniMax базиран на неовластено користење на туѓа содржина, како и непочитување на американските закони за авторски права, претставува не само напад врз нашите компании и креативната заедница, туку и поширока закана за американската филмска индустрија, која вработува милиони и придонесува повеќе од 260 милијарди долари во економијата“, се наведува во тужбата.

Во тужбата, исто така, се тврди дека MiniMax“ користел препознатливи, заштитени со авторски права ликови за да ги промовира можностите на својата услуга за генерирање слики и видеа, „Hailuo AI“.

„Одговорниот пристап кон развојот на вештачката интелигенција е клучен, а денешната тужба против MiniMax ја потврдува нашата заедничка посветеност на заштитата на авторските права, без оглед каде се наоѓаат прекршителите“, се вели во соопштението.