Samsung е една од компаниите која во последните две-три години беше критикувана дека не ја подобрува брзината на полнење на своите паметни телефони, а се чини дека овие критики не ја засегаат јужнокорејската компанија.
Додека кинеските конкуренти на Samsung нудат брзина на полнење на телефонот до 240 W, Samsung веќе некое време е „заглавен“ на полнење од 45 W. Иако се шпекулираше дека следната година Samsung ќе го подобри тој сегмент, најновите информации не укажуваат на тоа.
Кинеските верзии на серијата Samsung Galaxy S24 – Samsung Galaxy S24, Samsung Galaxy S24+ и Samsung Galaxy S24 Ultra добија CCC сертификати во Кина. Според информациите достапни на овие сертификати, откриено е дека сите модели ќе ја задржат истата брзина на полнење како и нивните претходници.
Така, сертификатите откриваат дека Samsung Galaxy S24 (SM-9210) ќе пристигне со поддршка за брзо полнење од 25 W, додека Samsung Galaxy S24+ (SM-S9260) и Samsung Galaxy S24 Ultra (SM-9280) ќе поддржуваат брзо полнење од 45 W како и претходниците.
Можно е софтверот на Samsung некако да го скрати времето на полнење на телефонот, но дури и да го направи тоа, тоа ќе биде мало подобрување. За потсетување, сите три модели од серијата Galaxy S23 можат целосно да се наполнат за околу еден час.
Веќе е откриено дека Samsung Galaxy S24 ќе има батерија од 4000 mAh, Samsung Galaxy S24+ батерија од 4900 mAh, додека Samsung Galaxy S24 Ultra ќе биде опремен со батерија од 5000 mAh.
Серијата Samsung Galaxy S24 ќе биде претставена во првиот квартал од 2024 година, на првиот Galaxy Unpacked настан на Samsung следната година.