Новата студија која ја поминала рецензијата, тврди дека помалку е веројатно дека луѓето со високо ниво на Т-клетки кои ги стекнале како последица на настинка, би се разболеле од Ковид-19.
Истражувачите истакнале дека резултатите од студијата би можеле да помогнат да се обезбеди нацрт за производство на нови вакцини кои би дале долготраен имунитет и кои би штителе од постоечките, но и идните варијанти на Ковид-19.
Научниците од Империјал колеџ во Лондон истакнале дека високото ниво на Т-клетки и нивната улога во борбата против Ковид-19 е „важно откритие“, пренесува „Sky News“. Тие додале и дека „никој не треба да се потпира само на тоа“ и инсистираат дека вакцинацијата е најдобриот начин луѓето да се заштитат од овој вирус.
Инаку, Т-клетките се вид на бели крвни зрнца кои помагаат при заштита од инфекции.
„Изложеноста на коронавирусот не доведува секогаш до инфекција, а ние сакавме да разбереме зошто е тоа така. Откривме дека високото ниво на постоечките Т-клетки, кои телото ги создава кога е заразено со други човечки коронавируси, каков што е и обичната настинка, можат да заштитат од инфекција со Ковид-19. Иако ова е важно откритие, тоа е само еден вид на заштита и би нагласила дека никој не треба да се потпира само на тоа“, изјавила д-р Риа Кунду од Националниот институт за срце и бели дробови, главна авторка на студијата.

„Најдобриот начин да се заштитите од Ковид-19 е да се вакцинирате, вклучувајќи ја и бустер дозата“, додала таа.
Студијата била започната во септември 2020 година, додека поголем дел од луѓето во Велика Британија никогаш не биле заразени со Ковид-19.
Студијата вклучувала и 52 лица кои живееле со некој кој имал коронавирус, а учесниците правеле ПЦР тест на почеток, а потоа и четири до седум денови подоцна, за да се утврди дали се заразиле со инфекцијата.
Примероците од крв од сите учесници биле земени во рок од шест дена откако биле изложени на коронавирусот, за да се овозможи анализа на ниво на веќе постоечките Т-клетки предизвикани од претходна инфекција со коронавирус каква што е и настинката.
Истражувачите откриле дека постоело значително поголемо ниво на Т-клетки кај 26 лица кои не биле заразени во споредба со 26-те лица кои биле заразени со Ковид-19. Студијата била објавена во магазинот „Nature Communications“, а истата објаснила дека Т-клетките ги напаѓаат внатрешните протеини на Ковид-19, а не шилестиот протеин на површината од вирусот.
„Нашата студија пружа најјасни докази досега дека Т-клетките предизвикани од вируси како обичната настинка имаат заштитна улога против Ковид-19“, заклучил професор Ајт Лалвани, еден од авторите на студијата и директор на Единиците за истражување на респираторни инфекции.




