Grand Theft Auto VI би можел да ги сруши сите рекорди на продажба во гејминг индустријата.
Американската фирма за ризичен капитал „Конвој“ проценува дека видео играта GTA VI (Grand Theft Auto VI) ќе генерира приход од дури 7,6 милијарди долари за само два месеци по нејзиното објавување, кое е закажано за 26 мај 2026 година, што би ги надминало сите претходни рекорди во гејминг индустријата без преседан.
Според анализата објавена на профилот на LinkedIn на партнерот во компанијата „Конвој“, Џош Чепмен, се очекува Rockstar Games да продаде 85 милиони примероци од својата нова видео игра GTA VI во првите 60 дена, по просечна цена од 80 долари. Оваа проценка ги вклучува и очекуваните приходи од програмата за претплата GTA Plus, објавува Insider Gaming.
За споредба, Rockstar Games оствари приход од 1 милијарда долари само три дена по објавувањето на претходниот дел од франшизата, GTA V, во 2013 година, а 11 милиони примероци беа продадени првиот ден.
Интересот на фановите сега е уште поголем благодарение на напредокот во технологијата и внимателно испланираната маркетиншка стратегија на Rockstar Games, а два трејлери за GTA VI веќе соборија рекорди на гледаност на YouTube.