PAL-V Liberty, кој чини најмалку 300.000 евра, за две години ќе има и дозвола за летање
PAL-V Liberty, еден од првите проекти за летечки автомобил, ги поминал последните тестови за хомологација и сега има дозвола да патува по јавни патишта во Европа.
За да го добие сертификатот, оваа малку „чудна“ машина поминала низ сериозна програма за тестирање од уште од февруари оваа година. Програмата вклучувала интензивни тестови на брзи делници, проверка на емисиите и сопирачките, како и мерења на загадувањето за бучава. Сега, како и секој друг модел на нов автомобил, летечката машина ќе може да добие регистарска табличка и да се користи како стандарден автомобил.
Хомологацијата на Liberty како автомобил е уште еден чекор кон авио сертификација на моделот. Дизајнот на PAL-V е во процес на ваква сертификација од 2015 година под контрола на Европската агенција за безбедност на воздухопловството, а процесот се очекува да биде финализиран до крајот на 2022 година.