Инстаграм воведува значајна промена која ќе влијае на тоа како се допишуваме на платформата. Станува збро за тестирање на нова опција која им овозможува на корисниците да ја исклучат ознаката „Seen“ за прочитани пораки.
Со оваа промена, дури и ако сте прочитале нечија порака, лицето на другиот крај нема да ја види ознаката „Seen“ под таа порака.
Оваа нова функција ја најавија Марк Цукерберг и Адам Мосери, шефот на Инстаграм. „Ги слушнавме вашите повратни информации и почнавме да тестираме нова опција за исклучување на ознаката за читање во ДМ. Наскоро, луѓето ќе можат да избираат кога другите ќе видат дека ги прочитале нивните пораки“, рече Мосери.
Мосери објави скриншот од менито за приватност и безбедност на директните пораки, покажувајќи како корисниците можат да пристапат до оваа опција.
Корисниците ќе можат да го допрат името на профилот во разговорот, каде што, доколку се дел од тестот, ќе видат опција за исклучување на ознаката за читање во делот „Кој може да ја види вашата активност“.
Иако Мета, која е сопственик на Инстаграм, не прецизираше до кој степен оваа функција се тестира и кога ќе биде достапна за сите корисници, оваа промена претставува значаен чекор напред за приватноста на корисниците. Интересно, Ватсап, кој исто така е во сопственост на Мета, овозможи да се исклучи ознаката за прочитани пораки уште во 2014 година.
Дополнително, Инстаграм планира да ја зајакне безбедноста на своите корисници со воведување end-to-end енркипција Инстаграм ДМ, откако ќе ја имплементира истата функција на Месинџер. Во август, Мета објави дека планира да го направи шифрирањето од крај до крај стандардна опција на Месинџер до крајот на оваа година.
Овие промени на Инстаграм не се само одраз на зголемената потреба за поголема приватност на социјалните мрежи, туку и показател за напорите на Мета да го подобри корисничкото искуство на своите платформи.
Имајќи предвид дека Инстаграм е една од најпопуларните платформи за споделување фотографии и видео содржини, се очекува овие промени да имаат значително влијание врз начинот на кој корисниците комуницираат на оваа платформа.