Apple наводно планира некои посуптилни подобрувања за својата iPhone линија, кои ќе бидат објавени во текот на 2021 година. Според Марк Гурман од Bloomberg, инженерите на компанијата од Купертино оваа година ја сметаат за преодна, по бројните подобрувања имплементирани во iPhone 12. Сепак, новите модели би можеле да имаат барем една нова функција – сензор за отпечатоци од прсти под дисплејот.
Според Гурман, функцијата нема да го замени Face ID, но ќе обезбеди алтернативен начин за проверка на идентитетот ако се носи маска, или ако Face ID не работи како што е планирано.
Во извештајот се споменува и дека Apple тестира флексибилни дисплеи. Се истакнува дека компанијата во моментов нема цврст план за технологијата, а би можеле да поминат години пред Apple да претстави нешто конкретно за јавноста. Исто така, Apple може да одлучи дека идејата за флексибилни екрани не е доволно профитабилна за да инвестира во неа.