Со симболично притискање на црвеното копче, словенечкиот премиер Јанез Јанша во Марибор го пушти во употреба суперкомпјутерот „Вега“, проект вреден 17,2 милиони евра, кофинансиран претежно од европските фондови.
„Драго ми е што Словенија застанува рамо до рамо со светските суперсили во областа на информатичките технологии“, порача словенечкиот премиер.
Тој додаде дека суперкомпјутерот поставен во просториите на Институтот за информатички науки во Марибор, а именуван по словенечкиот математичар Јуриј Вега, ќе им служи на домашните и на европските научници.
Според Алеш Бошњак, директор на институтот во Марибор, „Вега“ е еден од најмоќните суперкомпјутери во Европа и во светот.
„Во моментов има само 13 земји во светот кои имаат посилни суперкомпјутери“, рече Бошњак.
Суперкомпјутерот „Вега“ има моќност од 6,9 петафлопси, што е приближно како кога околу 50.000 компјутери би ја правеле истата операција паралелно.
„Моќта на нашиот суперкомпјутер е веднаш зад капацитетите на оние на Велика Британија, а пред оние во Руската Федерација“, рече проректорот на Универзитетот во Марибор, Зоран Рен.
„Суперкомпјутерите ќе им овозможат на европските мали и средни претпријатија да влезат во високотехнолошката економија на иднината“, рече Маргарет Вестагер, потпретседателка на Европската комисија одговорна за дигитална трансформација на економијата, која преку видео-врска им се обрати на учесниците на церемонијата во Марибор.