Белата куќа разгледува воведување обврска за американските компании јавно да обелоденат дали користат кинески модели на вештачка интелигенција, изјавија за Ројтерс три извори запознаени со ова прашање.
Според овие извори, целта на овој потег е да се одвратат компаниите од потпирање на кинеска технологија, без притоа да се воведуваат нови ограничувања што би можеле да предизвикаат негативна реакција од индустријата или од Пекинг.
За планот разговарале претставници на Министерството за финансии и на Канцеларијата за наука и технолошка политика при Белата куќа (OSTP), а мерките би се однесувале на компании како што е „Airbnb“.
„Airbnb“ го користи „Qwen“ – модел на вештачка интелигенција развиен од кинеската корпорација „Alibaba“ – за својот AI агент наменет за корисничка поддршка.
Според предложениот план, од компаниите како „Airbnb“ би се барало јавно да ја објават оваа информација на своите веб-страници. Како што пренесува Ројтерс, засега не е јасно дали оваа идеја има поддршка во рамките на администрацијата, ниту пак дали – доколку се спроведе – тоа би се реализирало преку официјална регулаторна постапка.
Стратегија на „јавно прозивање и посрамотување“
Според агенцијата, самото разгледување на оваа опција укажува на засилените напори на администрацијата на Трамп да го ограничи ширењето на моќни кинески AI модели – особено оние чии основни компоненти се јавно достапни – што стана значаен извор на загриженост за американската влада.
Предлогот исто така покажува дека официјалните претставници бараат начини да ги одвратат компаниите од користење кинеска вештачка интелигенција преку пристап на „јавно прозивање и посрамотување“, истовремено задржувајќи став против прекумерна регулација во областа на вештачката интелигенција.
Од „Airbnb“ изјавија дека нивните активности поврзани со вештачката интелигенција првенствено се потпираат на модели со американско потекло, а дека користат само ограничен број кинески модели – кои се од типот „отворен код“ и функционираат исклучиво преку одобрени даватели на услуги со седиште во САД – со што се гарантира заштита на податоците и деловните операции.






